Фортификација на стоби

Во Ι век од н.е. Стоби ја достигнува својата максимална големина од 27 хектари во рамките на градските ѕидини. На источната страна, ѕидот се протега во должина од околу 450 метри и е оддалечен од коритото на Црна само десетина метри. Документиран е при истражувањата на Casa Romana од која го двои една уличка. Овој сегмент на градскиот бедем бил во употреба до ΙV век кога реката го поплавила градот. Честите поплави ќе бидат причина тој да биде повлечен повнатре. Со изградбата на новиот ѕид се пресечени постарите објекти. Ова најдобро се забележува во делот кај Градбата со арки. Интересно е што во бедемот се вградени седишта од театарот кои на некој начин ја определуваат изградбата на ѕидот кон крајот на IV или почетокот на V век. Во 2008 година е откриен југоисточниот дел каде што одбрамбениот ѕид е сочуван во височина од 4 метри над темелната зона. Констатирано е дека на оваа висина бедемот имал појас од најмалку 4 реда на тули над кои повторно следеле редови со камења. Во 2009 година е откриен аголот каде што се спојуваат стариот и новиот сегмент од бедемот. Тука е документирана една внатрешна кула. На јужната, западната и северната страна, одбранбениот ѕид го задржува истиот правец низ сите векови. Се забележуваат многу обнови па дури и удвојување. Неговата просечна широчина е 2.50 метри и досега се откриени 8 квадратни кули.

ФОРТИФИКАЦИЈАТА НА СТОБИ